Проверете ги развојните постигнувања на Вашето дете

Доколку се сомневате дека Вашето дете има задоцнување или отстапување во некоја развојна област, направете Развојна проценка со кликнување на соодветното поле подолу кое одговара на возраста на Вашето дете.

Што претставува развојната проценка

 

Преку развојната проценка се овозможува идентификување на развојните постигнувања кај детето во следниве области: моторна, когнитивна, говорна и социо-емоционална област. Оваа проценка служи како индикатор кој укажува на постоење на одредено отстапување во развојните постигнувања кои се очекуваат од детето согласно неговата возраст. Секое отстапување бара понатамошни испитувања, дијагностички постапки и евалуации од страна на стручни лица.

Доколку утврдите дека Вашето дете задоцнува или отстапува во одредена развојна област, контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка.

Развојни постигнувања на 3 месечна возраст

 

Моторен развој

Груба моторика

        • легнато на грб – главата е во средишна линија на телото, кога го повлекуваме во седечка позиција ја задржува, има воспоставено контрола. Со рацете и нозете прави симетрични движења
        • легнато на стомак – се потпира на подлактици, ја задржува исправено главата под агол од 45 до 90 степени, во времетраење од околу една минута
        • држено под пазуви, исправено- при контакт на стапалата со подлогата на кратко ја задржува тежината и прави обид да се одбие

Фина моторика

        • дланките се отворени, пасивно поставен предмет кратко задржува и има свесност за тоа
        • ги доближува дланките една до друга, во ниво на граден кош и ги носи во уста
        • мафта со рацете и ако над него има висечки играчки, успева да погоди некоја од повеќе обиди

Перцепција

      • визуелна- следи предмет со поглед и вртење на глава хоризонтално од едниот до другиот крај, како и нагоре  и надолу,  поаѓајќи од средишната линија
      • аудитивна – моторна слушна реакција, на звуци реагира со целото тело ( се вознемирува или го прекинува движењето). Почнува да го препознава и да реагира на гласот на мајката

 

Комуникација

      • гуга, поврзува согласки со самогласки (вокали со грлени звуци)

 

Социјално однесување

      • насочена, социјална насмевка проследена со радост кога ќе ја види мајката

 

Доколку забележите некои од долунаведените знаци кај Вашето бебе, контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка.

      • држењето на телото не треба да му биде ниту круто, ниту млитаво. Движењата на рацете и нозете не треба да се разликуваат во однос на лева и десна страна
      • главата ја зафрла наназад ако го повлекуваме да седне, или пак е навалена на една или друга страна додека го држиме во раце исправено
      • дланките ги држи цврсто стегнати, палецот е внатре и нема свесност ни ако вие му ставите нешто да држи
      • отсуство на насмевка
      • нема насочен поглед, ниту обид за следење предмет или лице кое е пред него
      • не гуга, ниту вокализира 
      • не реагира на звуците од околината
      • има бурни реакции на допир, кога го пресоблекувате капете, гушкате, масирате и сл.

Развојни постигнувања на 6 месечна возраст

 

Моторен развој

Груба моторика

        • легнато на грб – подава раце, лесно го доведуваме во седечка позиција. Се врти до стомак и повторно се враќа назад на грб
        • седење- кратко седи само, се потпира со рацете пред себе
        • поставено на стомак- се потпира на испружени раце, дланки полуотворени или отворени 
        • држено под пазуви- првично ја допира подлогата со прстите, па потоа го спушта стапалото. Ја носи тежината на своето тело и се одбива.

Фина моторика

        • посега, ги пушта рацете подалеку од градниот кош. Префрла играчка од една во друга рака. Фатот е со цела дланка (палмарен)

 

Перцепција

      • визуелна – јасна реакција, следи лица и предмети кои се и оддалечени од него
      • аудитивна- јасна реакција, со поглед бара извор на звук

 

Комуникација

      • интензивно брборење, мноштво на гласови со различна јачина и висина на тон

 

Социјално однесување

      • различно се однесува со познати и непознати лица

 

Доколку забележите некои од долунаведените знаци кај Вашето бебе, контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка.

      • не посега по предмети кои му се на дофат
      • слаба контрола на главата
      • не прави обид да се заврти до стомак
      • нема интерес за предмети дури и ако му ги ставиме во рака (не ги гледа, не ги става во уста)
      • отсуство на насмевка и реакција на лица и звуци од околината
      • не возвраќа на емотивниот говор и допирот на мајката

Развојни постигнувања на 9 месечна возраст

 

Моторен развој

Груба моторика

        • легнато на грб- самото седнува, ако е во близина на мебел, се обидува да се исправи. Брзо менува позиции (легнува, седнува, се превртува)
        • седење- седи само, може да се задржи ако се навали напред и странично
        • на стомак – се одржува во лазечка позиција на колена и дланки, не мора да лази
        • исправено на нозе – ја носи тежината на телото ако го поставиме покрај мебел или го држиме за двете раце

Фина моторика

        • фаќа ситни предмети со испружени палец и показалец, држи во раката цврста храна и ја носи во уста. Се подобрува заедничкото користење на двете раце, намерно испушта предмети од рака

 

Перцепција

      • визуелна – следи каде му го криеме предметот
      • аудитивна- реагира и на шумови

 

Комуникација

      • изговара слогови 

 

Социјално однесување

      • се плаши од непознати, плаче ако слушне плач од друго бебе, привлекува внимание (намерно кашла, се смее, итн)
      • почнува да учи кореографии на песнички (на пр. Две рачиња десет прсти.)

 

Доколку забележите некои од долунаведените знаци кај Вашето бебе, контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка.

      • не седи самостојно, дури ни со потпирање
      • не ја носи тежината на телото
      • не реагира на повикување на име
      • не изговара согласки
      • не успева да префрли играчка од една во друга рака
      • нема интерес да го истражува просторот
      • индиферентно е дури и кон мајката

Развојни постигнувања на 12 месечна возраст

 

Моторен развој

Груба моторика

        • активно седнува, со мала помош се исправа на нозе
        • самостојно и долго седење
        • исправено на нозе – стои неколку секунди само, оди покрај мебел и ако го држиме за една рака
        • на стомак – координирано лазење

Фина моторика

        • фаќа ситни предмети со свиткан палец и показалец
        • удира две играчки една од друга, или тропа по масата да направи звук
        • држи лажица, но се уште не јаде само

 

Перцепција, разбирање, говор и комуникација

      • се јавуваат првите зборови со значење, во комуникацијата доминантни се гестовите
      • го разбира едноставниот говор, адекватно реагира
      • се подобрува визуомоторната координација
      • забележува лива и предмети кои брзо се движат и се на поголемо растојание од него

 

Социјално однесување

      • се гордее на себе кога ќе успее да направи нешто
      • не сака да биде оставено со непознати (во градинка)
      • сака да му чита мајката книга и адекватно реагира на  содржината (повеќе на бојата и мелодијата на гласот)
      • иницира контакт со возрасните, има гест за прашање

 

Доколку забележите некои од долунаведените знаци кај Вашето бебе, контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка.

      • не стои, не ползи
      • нема ниту еден збор со значење
      • не реагира на повикување
      • не ја бара играчката кога му ја криете
      • не употребува никакви гестови
      • доколку губи некои од вештините кои претходно ги усвоило

Развојна проценка 12 до 18 месеци

 

Моторен развој 

      • самостојно оди
      • со лазење искачува скали, за качување и симнување му е потребна помош
      • влече и турка играчки при одење
      • само седнува на мало столче
      • прави кула од 2-3 коцки
      • врти по повеќе страници од сликовница
      • става мали предмети во шише
      • спонтано шкрта
      • става жетони во отвор (паричка во каса)

 

 Когнитивен развој (учење, размислување и решавање проблеми)

      • се радува на сликите во книга
      • знае некои делови од телото
      • разбира неколку едноставни вербални налози
      • поврзува животински звуци со слика во книга
      • прави едноставни класификации по боја и форма

 

Јазик и комуникациски вештини

      • покажува кон тоа што го сака
      • разбирањето на говорот е подобро во однос на фондот на зборови кои ги има
      • изговара најмалку 5 зборови со значење
      • кажува „Не“ или врти со главата
      • се обидува да пее
      • има интонативен прашален облик (Мама?)

 

Социоемоционален развој 

      • сака да е во центар на внимание
      • најчесто си игра само
      • сака да ги истражува предметите и просторот
      • ги гушка и бакнува родителите и најблиските лица
      • убаво се чувствува на познати места
      • не сака да ги дели играчките

 

Контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка, доколку Вашето дете со полни 18 месеци:

      • не оди самостојно
      • не се врти кога го повикувате по име
      • не реагира на секојдневни звуци (ѕвонење на телефон)
      • не реагира додека му читате и не покажува на барање слики од книгата
      • не подава спонтано
      • не прави обид за изговарање на слогови и зборови
      • не Ве гледа во очи кога му зборувате

Развојна проценка 18 до 24 месеци

 

Моторен развој 

      • може да клекне и да се исправи без држење
      • фрла топка
      • се труди да ја дофати топката со рацете и телото
      • се бутка со нозете качено на играчка со тркала (се придвижува)
      • качува и симнува скали ако го држиме за една рака
      • отвара капак на кутија

 

Когнитивен развој (учење, размислување и решавање проблеми)

      • реди кула од 4 коцки
      • става прстени на стапче
      • шкрта
      • почнува да ги разбира концептите на време (На пр. „Не сега, кога ќе одиме дома“)
      • препознава и именува познати лица на слика
      • памти детали и рутини

 

Јазик и комуникациски вештини

      • има холофраза (еден збор е цела реченица) а до крајот на периодот поврзува по 2 збора
      • има околу 20тина зборови со значење
      • на барање, именува некои слики во книга  
      • повторува зборови кои ги слушнало
      • бара помош

 

Социоемоционален развој 

      • се јавува лутина, срам, фрустрација
      • не може да си ги контролира емоциите, што е причина за појава на тантруми
      • кон крајот на периодот се намалуваат сепарационите стравови
      • почнува да сочуствува, ако е некој тажен – го гушка
      • посесивно е за своите играчки

 

Контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка, доколку Вашето дете со полни 24 месеци:

      • не прави обид за трчање
      • не умее да фрли топка
      • има млитаво или круто држење на телото
      • не разбира вербални налози ако не се придружени со гест и покажување
      • не повторува зборови
      • нема интерес да разгледува книга барем 5 минути
      • има помалку од 20 збора и не ги поврзува во реченица
      • не користи гестови да го дополни својот говор

Развојна проценка 2 години

 

Моторен развој 

      • се подига на прсти
      • шутира топка
      • се качува на столица, кревет, препреки на детско игралиште
      • прави обиди за трчање
      • со држење качува и симнува скали
      • ја фрла топката со исправена рака над глава (со зафрлување)
      • повлекува прави линии и се обидува да нацрта кружна линија

 

 Когнитивен развој (учење, размислување и решавање проблеми)

      • пронаоѓа и подобро сокриен предмет (под неколку покривки)
      • кон крајот на овој период почнува повеќе да ја користи едната рака или да шутира со едната нога (се гледа дали ќе му биде водечка левата или десната рака/нога)
      • прави едноставни класификации, ги групира предметите по големина, форма, боја, без именување какви се
      • почнува да игра игри кобајаги
      • реди кула од 3 до 5 коцки 

 

Јазик и комуникациски вештини

      • на барање покажува конкретна слика во сликовница
      • именува делови од тело, како и секојдневни предмети и лица во неговата околина
      • поврзува два збора во реченица, а до крајот на овој период може да поврзе 3-4 збора
      • разбира и извршува едноставни вербални налози (донеси ја топката)
      • повторува зборови што ги слушнал од возрасните
      • на прашањето: „Каде е?“, точно покажува со прстот

 

Социоемоционален развој 

      • ги копира поголемите деца и возрасните
      • се развива самостојноста
      • се радува на други деца
      • пркоси, прави по свое, се инаети
      • доминира паралелна игра, со повремено вклучување на друго дете во својата игра, или тоа се обидува да се вклучи во туѓа игра

 

Контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка, доколку Вашето дете со полни 3 години:

      • не поврзува два збора во реченица
      • не знае за што служат секојдневните предмети (чешел, чаша, лажица…)
      • нема интерес за имитирање на други лица
      • не оди стабилно
      • ги губи претходно стекнатите вештини

Развојна проценка 3 години

 

Моторен развој 

      • вешто е при качување
      • трча со леснотија
      • вози точаче на три тркала со вртење на педалите
      • качува и симнува скали, со наизменично стапнување на секоја скала
      • лесно ракува со играчки кои имаат рачки, команди на копчиња и сл.

 

 Когнитивен развој (учење, размислување и решавање проблеми)

      • разбира колку се Две (две топки, две кукли…)
      • црта круг, повлекува хоризонтална и вертикална линија по пат на имитација
      • врти по една страница од сликовница
      • прави сложувалки од 4 дела
      • гради кула од барем 6 коцки
      • игра игри кобајаги

 

Јазик и комуникациски вештини

      • ги именува речиси сите познати работи
      • кажува како се вика, пол и возраст
      • го знае името на другарчето
      • користи множина, како и лични заменки (јас, ти, ние)
      • разбира и извршува вербални налози од два или три дела 

 

Социоемоционален развој 

      • ги имитира другарчињата и возрасните
      • покажува наклонетост кон другите
      • загрижено е ако другарчето плаче
      • си го чека редот во игра
      • полесно се одвојува од родителите
      • има мноштво на емоции
      • самостојно е при облекување и соблекување, мие и брише раце

 

Контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка, доколку Вашето дете со полни 4 години:

      • е невешто, лесно се препнува и паѓа
      • има зголемено лигавење или доста неразбирлив говор
      • во говорот отсуствуваат реченици
      • не разбира наједноставни вербални налози
      • не имитира и не игра замислени игри
      • не Ве гледа во очи додека му зборувате
      • ги губи вештините кои ги има претходно усвоено

Развојна проценка 4 години

 

Моторен развој 

      • стои на една нога барем 2 секунди
      • најчесто дофаќа топка кога му ја дофрламе
      • претура сок од шише во чаша
      • сече со ножици со мала помош
      • учествува во подготовка на својот оброк (меша житарки со млеко)

 

 Когнитивен развој (учење, размислување и решавање проблеми)

      • препознава и именува основни бои
      • брои до 10 (дозволено прескокнување на некој број)
      • почнува да го разбира поимот за време
      • памти и раскажува делови од приказна
      • разликува исто од различно
      • црта човечка фигура со 4 дела
      • препишува неколку печатни букви
      • игра друштвени игри (меморија, домино…)
      • додека му читате, дава претоставки за идните настани во книгата

 

Јазик и комуникациски вештини

      • ја усвојува граматиката на мајчиниот јазик
      • пее детски песнички
      • раскажува пократки содржини
      • знае да си го каже целото име и презиме

 

Социоемоционален развој 

      • игра игри по улоги
      • креативно е, игрите кобајаги му се побогати
      • почесто сака да игра со други деца, отколку сам, соработува при играње
      • разликува што е вистина, а што измислено
      • има став за тоа што сака, или не сака

 

Контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка, доколку Вашето дете со полни 5 години:

      • не може да скокне во место
      • не разликува вистинско од измислено
      • одбива да се дружи, повеќе сака да игра само
      • дава отпор при облекување, хранење и користење на тоалет
      • има проблем да раскаже нешто
      • не разбира вербален налог од три дела
      • не разликува исто од различно
      • говорот е неразбирлив за околината
      • не употребува правилно лични заменки (јас и ти)
      • ги губи вештините кои ги имало усвоено претходно

Развојна проценка 5 години

 

Моторен развој 

      • стои на една нога барем 10 секунди
      • скока, прескокнува, заобиколува пречки
      • се превртува (колут напред)
      • се лула на лулашка, се качува и спушта по лизгалка на детско игралиште
      • странично скока, прецизно шутира

 

 Когнитивен развој (учење, размислување и решавање проблеми)

      • брои и одбројува до 10 предмети
      • црта човечка фигура со најмалку 6 дела
      • црта едноставни цртежи со детали (цртежот е богат, како приказна)
      • прецртува триаголник
      • има знаење за работите кои секој ден се користат (храна, облека, пари, прибор за јадење итн)
      • ги препишува цифрите од 1 до 10,  самостојно пишува печатни букви, држи правилно молив
      • го препишува своето име

 

Јазик и комуникациски вештини

      • зборува разбирливо
      • раскажува со цели реченици
      • во говорот користи и идно време

 

Социоемоционален развој 

      • сака да им угоди на другарчињата
      • сака да се спријателува
      • разликува машки од женски пол
      • ги прифаќа правилата на игра
      • покажува поголема самостојност (оди само кај другарчето кое живее три ката над него)
      • ужива во правење претстави (игра, танцува, глуми)
      • знае да менува расположенија, да соработува, па да почне да се инаети

 

Контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка, доколку Вашето дете со полни 6 години:

      • има мал опсег на емоции
      • има екстремни однесувања, како нереален страв, агресивност или изразена срамежливост
      • повлечено е, одбива да се дружи
      • нема реакција на присуство и обраќање од страна на други деца или возрасни
      • не го кажува целото име и презиме
      • вниманието му се одвлекува лесно и е краткотрајно
      • не користи еднина и множина во говорот, ниту минато и идно време
      • не црта
      • му треба помош при користење на тоалет, облекување и исхрана
      • ги губи вештините кои претходно ги имало усвоено

Развојна проценка 6 години

 

Моторен развој 

      • прескокнува пречка неколку пати по ред
      • шутира во трчање
      • при трчање прави маневри како возрасен
      • оди по греда широка 5 сантиметри
      • вози велосипед со помошни тркала или без нив
      • прави разлика помеѓу брзи и бавни движења

 

 Когнитивен развој (учење, размислување и решавање проблеми)

      • гради тридимензионални објекти од коцки
      • сече едноставни форми
      • бои во рамки на линиите
      • врзува врвци
      • црта дијагонални линии
      • правилно го држи моливот, движењата се од прстите, не од рачниот зглоб
      • црта јасно препознатливи цртежи
      • црта човечка фигура со повеќе од 6 дела

 

Јазик и комуникациски вештини

      • поставува прашања, дава одговори со повеќе реченици
      • почнува да чита
      • прашува за значењето на зборовите
      • може да ги анализира зборовите, да препознае од кои гласови се составени
      • си го пишува името и презимето
      • говорот е јасен и разбирлив

 

Социоемоционален развој 

      • станува посвесно за своите и туѓите емоции
      • се труди да си ги контролира емоциите
      • сака да се истакне, да го покаже својот талент
      • покажува поголема независност во однос на членовите на семејството
      • развива самоконтрола

 

Контактирајте нѐ на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка, доколку Вашето дете со полни 7 години:

      • пелтечи или има било каков проблем говорно да се изрази
      • не следи инструкции
      • тешко склопува пријателства
      • има проблем да седи на едно место подолго време
      • покажува агресија кон други деца
      • има потреба од помош при облекување, соблекување, исхрана и користење на тоалет
      • ги губи вештините кои ги имало усвоено претходно

Ранаинтервенција.мк, Е-платформа за онлајн услуги на рана интервенција и поддршка на семејства

Кој стои зад Е-платформата Ranaintervencija.mk?

Е-платформата ranaintervencija.mk е креирана како дел од проектот „Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства“, во имплементација на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од УНИЦЕФ.

*Изработено од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија со финансиска поддршка од канцеларијата на УНИЦЕФ. Ставовите изразени во овој документ, не треба на кој било начин, да се сметаат за одраз на официјалниот став на УНИЦЕФ.